Нашите мисли се активност на умот, на мозокот, тие имаат енергетска моќ, но, доаѓаат и проаѓаат. Можат да бидат мотивирачки за нас, можат и да не’ запираат, да прават да се чувствуваме големо или смалено, моќно или немоќно, креативно или закочено…

Нашите верувања се длабоко всадени во нас, тие се поврзани со нашите вредности (што ни е важно, што цениме, без што не можеме, за што се залагаме, за што живееме…) и се поврзани со нашите емоции. Многу често, нашите мисли и нашите верувања не се во иста насока, не се во склад, не се согласуваат и од тука доаѓаат можни конфликти и застои во реализација на нешто што силно го посакуваме.

Голем број од нашите верувања се „засадени“ во нас уште од детството, кога сме биле мали, немоќни, со недоволно развиени способности и вештини за размислување и носење заклучоци, па сме си „врзале во крпче“ дека нешто е вака или онака. Дека ЈАС сум ваква или онаква личност.

Еве неколку примери:

а) можете да се школувате, да посетувате курсеви, обуки, да стекнувате знаења и да сакате да бидете успешни во некоја област, но, ако, длабоко во вас постои верување дека „Не ме бива мене за ова“, „Успехот е за некои други луѓе таму“, „Кој ќе ме ангажира мене“, „Не вредам“, „Не сум доволно видлив/а“ и голем список од други слични верувања ќе прават да го саботирате својот успех во таа област. Ќе одложувате, ќе премерувате, ќе се појавуваат непредвидени работи што ќе ви го одземаат вниманието и насоченоста (фокус).


б) можете да работите многу и упорно (дополнување и на горниот пример), да одите на обуки за продажба, а упорно да не заработувате доволно средства колку што сакате. Можете свесно да велите „Сакам да заработам пари“, тоа се мислите, но, ако длабоко во вас останале верувања (и тие се најчесто невидливи, туку се на ниво на чувство) дека „Парите се лоши“, „Парите се за други луѓе“, „Луѓето што имаат пари се лоши и/или себични и/или нечесни“… и ред слични верувања – вие нема да создавате/добивате/примате повеќе пари.

в) ако на свесно ниво си велите и признавате дека сакате убава интимна врска со партнер што е навистина за вас, а постојано сретнувате несоодветни партнери или не сретнувате воопшто, или сте во врска што не ве прави да се чувствувате добро, можно е некое од длабоките верувања да е поврзано со нешто од следниве: „Јас не заслужувам љубов и внимание“, „Не постојат добри партнери“, „Да бидам во врска значи дека ќе се откажам од мојата слобода и лична автентичност“ , „Љубовта е болна, љубовта не постои“ и сл. – многу е веројатно тие уверувања и типот на енергија што тие ја креираат во вас, да го управуваат вашиот живот.

Како се менуваат длабоките уверувања?

Најпрво со вакво „проветрување“, вадење на виделина и на воздух, да ги осетите, да слушнете како звучат и резонираат во вас. Потоа можете да продолжите со барање примери (или ситуации) од вашето детство што можеби довеле до такво уверување. Потоа, можете полека да ги заменувате активно со пронаоѓање на други, спротивни уверувања (тие можат чудно и непријатно да ви звучат на почетокот), но, важно е да ви користат.

Исто така, за краен совет, важно е да не брзате.

На пример, ако си ги повторувате изјавите „Јас сум успешна во таа и таа област“, вашата потсвест може да не верува на почеток. Но, ако почнете со „Јас полека и сигурно напредувам во таа област и преземам нови навики и нови чекори да дојдам до успехот во оваа област“, тоа ќе го примите полесно и ќе почнете да се менувате.

Промената во друга личност не оди брзо, но, важно е да сте истрајни, да ги барате сите овие места во вас што ве запираат и сите начини на помош што можат да ве одведат до личноста што сакате да бидете. Бидејќи, не можете нешто ново да имате, ако пред тоа не бидете нешто ново. Барајте книги, линкови, видеа, барајте психолог или тренер за личен развој да ве води за да добиете начини како да го постигнете ова.   

 


На крајот, да завршиме лично:
Дури и ако не веруваш во ова што го прочита, еве едно место за промена на стари верувања! Уживај во истражувањето.

 

Ирена Јакимова, Професионален обучувач за возрасни и тренер (coach), ментор за личен и професионален развој

Inspirit Coaching

 


Извор: zenskimagazin.mk