Не е лесно да останеме во пријатна состојба на телото, емоциите, духот, во вакво време на големи предизвици и неизвесност. Не е лесно да задржиме позитивна мисла, да ја најдеме и сочуваме нашата мотивација, нашата стабилност, нашата насока, нашата цел.

Не е лесно, ама е возможно. Постои како избор. Тој избор постои како внатрешен термостат, којшто можеме да го проверуваме секогаш кога ќе почувствуваме деке сме влечени од струјата на немоќта, на жртвата во нас како еден од видовите енергија што постојат и се борат за свое место, за свое внимание… Вечната борба меѓу силите на доброто и силите на лошото. (Ако воопшто можеме ние, луѓето, јасно да направиме тааква поделба…)

Имав доста за што да се пожалам, поплачам, да апелирам на нешта што се случиле, а, се неубави, нечовечки, се пропусти на општеството, пропусти на поедници што го прават и сочинуваат системот што го нарекуваме општество. Но, повторно, кога се свртев да го проверам мојот внатрешен термостат, забележав дека отишол малку во црвено. Не црвено како боја на љубовта, страста, бојата на крвта што носи кислород низ нашите органи, не црвено како боја на ружата, боја на срцето што го кликаме на социјалните мрежи, туку црвено – како аларм.
„Ирена, со ова одиш во зоната на лутина, немоќ, поплаки и жртва!“
Дали од таму полесно ќе им помогнеш на луѓето, каков ќе биде твојот придонес?“

Не сум за молчење, премолчување, не сум против искажување на лутината, на несогласувањето. Лутината, како и сите други емоции, е здрава и има своја мисија и своја порака. Кога сте лути, запрашајте се:
–  „На што се лутам“
– „Што ме лути во оваа ситуација?“

Така ќе дознаете повеќе за вашите вредности. Ќе дознаете што е за вас важно, што е ваша водилка и компас и котва во животот.

Овде сакам да пишувам за процесот на излегување од „црвено“ (она црвено што го опишав погоре) и тоа со обид за примена на техниките за што пошироко, колективно излегување од црвено. Тоа го замислувам на следниот начин (главна инспирација ми е сцена од Војна на ѕвездите, филмски серијал што во својата основа на приказната ја има вечната борба меѓу доброто и лошото, меѓу светлината и темната страна). Таму, една реплика на една од хероините оди вака: „Јас не се борам ПРОТИВ лошото, јас се борам ДА ГО ЗГОЛЕМУВАМ доброто!“

Тоа е, некако, и моја животна стратегија, моја позиција. И сите што ме знаат, знаат дека тоа е и мојата професија, но, и мојот поглед на светот. И тоа не подразбира наивна розева добродушност и летање во облаци. Тоа, за мене, подразбира, јасна, цврста, мотивирана сила во служба на зголемување на доброто со конкретни техники и активности. Пред се’, со испитување и усовршување на себе.

Веројатно (што знаеме ние?) вечно ќе постојат и доброто и злото, и светлината и темнината, и ние не можеме ниту да ги искорениме, ниту да го очекуваме тоа. Кој знае…

Она што можеме, е да го видиме ИЗБОРОТ, да го осетиме во себе  – во секој момент можеме да избереме кое од нив ќе го храниме (ќе му пружиме внимание, значење, фокус, збор, слика, емоција, дел од нашата сила). Во чија служба ќе бидеме?

Како можеме конкретно да го правиме тоа? Еве неколку примери:

– Во секој момент кога ќе посакаме да се жалиме (самосожалуваме), да патиме за она што го немаме – тогаш веднаш да се свртиме и да го видиме, кажеме, потврдиме она што го имаме. И по некој збор на благодарност нема да е вишок.

– Тогаш кога ќе осетиме дека се лутиме на „некои други“ (нејасно точно кои), да се жалиме на системот, да ги осудиме или оговараме “некои други“ (со тоа што им даваме и медиски простор во нашите постови)…. ајде да пробаме да се свртиме кон она што можеме да го направиме ние, кого можеме да зајакнеме, кој добар пример можеме да го истакнеме, споделиме, споменеме? Така го јакнеме доброто.

– Тогаш кога ќе се налутиме на околностите и „нашиов народ“ (пак, делумно непрецизно кој точно), ајде да се свртиме кон себе и оние со кои што сме во контакт и да видиме како можеме ние или тие да се развиеме, да ги искористиме нашите потенцијали. Секој е способен за нешто.

– Секогаш кога ќе помислите на сите „блогери, инфлуенсери, јавни личности“ коишто не ви се допаѓаат и сметате дека немаат добро влијание врз младите, врз општеството, врз вас – ајде, дозволете си вие да повеќе да пишувате, да зборувате, да објавите нешто ваше лично или од други што сметате дека прават нешто корисно. Така го зголемувате доброто.

Секој од нас има мисија, доаѓа на оваа планета со некоја задача, со некоја порака. Секој живот, каков и да е, колку и да трае – има порака, има своја цел. Да смени нешто во животот на сите други.

Што сакаат да ни кажат Илче, Тамара, Мартин… и уште ред други деца што заминаа млади потради грубоста или негрижата на поединци во општеството? Ако нивните животи се книга, тогаш кој ќе биде насловот во служба на силите на доброто? Ако нивните животи се лекција, како ќе се вика? Ако нивните животи се споменик, каква порака ќе пишува на него?

Ако вашиот живот е книга, кој ќе биде насловот?
Како служите во мисија на силите на доброто?

Ирена Јакимова, Професионален обучувач за возрасни и тренер (coach), ментор за личен и професионален развој

Inspirit Coaching